Од ТАВ Македонија демантираат дека нивен вработен сакал да и го одземе телефонот на косовската претседателка
„Категорично ги отфрламе наводите дека наш вработен од одделот за обезбедување се обидел да го одземе телефонот. Телефонот и’ беше побаран со цел да се подложи на задолжителен безбедносен скрининг преку уредот за рентген. Согласно Документот 30 (Doc.30) на ECAC и Националната програма за безбедност на цивилното воздухопловство, сите патници, кабински багаж и нивните лични предмети со кои патуваат на комерцијален лет, како во овој пример, се предмет на безбедносен преглед. Доколку не сме усогласени со овие правила, пилотот на летот ќе го одбие влегувањето во авион на патникот. Виенската конвенција за дипломатски односи ги ослободува од безбедносен преглед само официјалните гости на Владата на Република Северна Македонија, а операторот на аеродромот добива официјално известување за таквите изземања од Министерството за внатрешни работи. Насоките што ги доби нашиот Оддел за обезбедување од страна на Одделот за заштита на одредени лица и објекти јасно кажуваат дека членовите на делегацијата мора да поминат стандардна безбедносна проверка во согласност со утврдените процедури“, се вели во известувањето од ТАВ Македонија.
Предходно од ТАВ Македонија се огласија со известување во врска со инцидентот кој се случи вчера на Меѓународниот Аеродром Скопје, во ВИП-салонот.
Известувањето го пренесуваме во целост:
“Во согласност со Законот за воздухопловство и меѓународната законска регулатива која се однесува на обезбедување на цивилното воздухопловство, ТАВ Македонија како аеродромски оператор има законска обврска за спроведување на безбедносен преглед на сите патници, багаж и стоки на летовите од Меѓународниот Аеродром Скопје и од Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид, вклучувајќи ги и патниците кои патуваат преку ВИП-салонот. Оттука, Одделот за Обезбедување на ТАВ Македонија, постапувајќи во рамките на своите овластувања спроведе стандардна безбедносна проверка на споменатиот патник како и на неговиот багаж, на пунктот за безбедноста проверка во ВИП- салонот, со цел обезбедување на конкретниот комерцијален лет.
Сакаме да потенцираме дека авијациската безбедност не беше загрозена, поради тоа што споменатиот инцидент се случи во јавната зона на аеродромот, односно пред пунктот за безбедносна проверка на ВИП-салонот од каде ВИП-патниците откако ќе бидат проверени од Обезбедувањето се упатуваат во безбедносно-контролирана зона на аеродромот.
Исто така, сакаме да потенцираме дека ВИП-салонот е посебна зграда изолирана од главната терминална зграда на скопскиот аеродром, што значи дека е комплетно неточно дека била загрозена безбедноста на патниците. Со цел точна слика за случката и спречување на ширење дезинформации, за сите детали во однос на инцидентот, ги упатуваме медиумите да се обратат до надлежните институции”, се вели во соопштението од ТАВ Македонија.