Од утре без маски во затворен простор
Од утре во трговските центри, продавниците и маркетите граѓаните конечно ќе можат да влегуваат без маски. Исклучок од оваа одлука ќе бидат здравствените установи, домовите за стари лица и аптеките. Маски ќе мора да се носат во јавниот и такси превоз.
Од 13-ти април нема повеќе и изолација за контактите, а министрите дадоа зелено светло и за одржување на училишни екскурзии и настава во природа. Во училиште без маски ќе бидат и средношколците иако оваа препорака беше доставена до кризниот штаб уште пред две недели.
На владината седница дозволија и работа со физичко присуство на лекарските комисии за утврдување на надоместоци за попреченост и право на нега од друго лице.
Во дневната статистика постојано регистрираат намален број на новодијагностицирани, а тоа го покажува и последната неделна анализа на ИЈЗ.
За 31 процент има помалку позитивни на Ковид-19 а за 23 проценти е намален и бројот на смртни случаи. Има и помалку реинфекции а во пет градови во државата нема ниту еден активен случај.