Skip to main content

„Одговорно слави го успехот“ превентивна кампања на МВР за матурантите

Од МВР потенцираат дека прославувањето на успехот е заслужено и важно, но уште поважно е тоа да се направи достоинствено и безбедно, со свест дека одговорноста е една од клучните особини на зрел и совесен млад човек.
 |  инфодеск  | 

Во пресрет на матурските прослави, Секторот за полициски работи од општа надлежност, заедно со Отсеците за превенција, Одделенијата за полиција и Одделенијата за криминалистичка полиција при сите СВР, спроведува превентивна кампања наменета за матурантите од сите средни училишта во државата, под мотото „Одговорно слави го успехот“.

Кампањата се реализира преку работилници, трибини и тркалезни маси, на кои со младите се отвораат теми од значење за нивната безбедност, личен развој и правилно носење одлуки. Меѓу темите што се обработуваат се спречување на семејно насилство, малолетничка деликвенција, злоупотреба на дрога, безбедно учество во сообраќајот, трговија со луѓе и врсничко насилство, како и други предизвици со кои се соочуваат младите во секојдневниот живот, информираат од МВР.

Целта на кампањата е на афирмативен и позитивен начин да им се укаже на младите дека полицијата е тука за нив, не само како институција што се грижи за безбедноста, туку и како партнер и поддршка во најважните моменти од нивниот живот.

Од МВР потенцираат дека прославувањето на успехот е заслужено и важно, но уште поважно е тоа да се направи достоинствено и безбедно, со свест дека одговорноста е една од клучните особини на зрел и совесен млад човек.