Одземени лиценците на шест фирми за производство на канабис за медицински цели
По извршените контроли во 13 фирми кои имаат дозволи за производство на марихуана владата на денешната седница им ги одзема лиценци на шест од нив. Како што соопшти министерот за здравство Азир Алиу, лиценци повеќе немаат фирмите „Алфафарм“, „Грин Лајф“, „ЦБД Медплант“, „Лајф Плант“, „Ата фарм“ и „Канабиноидс“. Лиценците на овие фирми се одземени поради утврдени сериозни неправилности, меѓу кои кусок на сув цвет, недостиг на видео и физичко обезбедување, нецелосна документација и неисполнување на законските услови
Тој нагласи дека засилени вонредни контроли ќе се извршат кај сите правни субјекти, односно вкупно ќе бидат опфатени 43 правни лица. Контролите се спроведуваат во соработка со МВР, МАЛМЕД, Инспекторат за земјоделство, ДСЗИ и други надлежни институции.
–Досега се извршени 13 контроли кај лиценцирани правни субјекти, при што кај 6 од нив се утврдени неправилности во постапувањето, согласно законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци. Поради тоа, Владата на денешната седница донесе одлуки за одземање на одобрението за одгледување канабис за медицински цели кај овие 6 правни субјекти, појасни Алиу.
Вонредните и засилени контроли следуваат откако во Србија беа откриени пет тони марихуана, со потекло од скопската Алфафарм, за што таму се осомничени Александар Мијајловиќ, Иван Драгниќ, Небојша и Раде Спасојевиќ и Урош Младеновски.