Штип и Охрид добиваат целосно реновирани метеостаници за поефикасно следење на времето
Од Управата за метеоролошки работи информираат дека се реализираат активности за целосно реновирање и унапредување на клучните метеоролошки станици на национално ниво. Акцијата е во рамките на Програмата за поддршка за рурален развој на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство,
По отпочнувањето на интервенциите во Прилеп и Битола, следниот значаен чекор е модернизацијата на главната метеоролошка станица во Штип. Со оваа инвестиција ќе се подобри следењето на температурните екстреми, врнежите и ветерот во Источниот регион, што е од особено значење за земјоделското производство, управувањето со водите и навременото реагирање на климатските ризици.
-Паралелно со тоа, планирано е и реновирање на главната метеоролошка станица во Охрид, која претставува клучна точка за мониторинг на климатските услови во југозападниот дел од државата и околината на Охридското Езеро. Со модернизацијата ќе се обезбеди поголема точност и доверливост на податоците, неопходни за поддршка на земјоделските активности, туризмот и заштитата на овој чувствителен екосистем, велат од УХМР.
Од таму додаваат дека со овие вложувања значително се зајакнува националната метеоролошка инфраструктура, се унапредуваат капацитетите за следење на временските услови и се обезбедува повисок квалитет на метеоролошките услуги за земјоделските производители ширум државата.