Охриѓани слабо скенираат сметки
По повод 4 години МојДДВ, директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска заедно со Министерот за финансии Фатмир Бесими денеска во Клубот на пратеници оддржаа брифинг за новинари.
Пред присутните се информираше дека од воведувањето на апликацијата до денеска на апликацијата МојДДВ регистрирани се 538 919 корисници и тој број континуирано расте.
Најмногу скенирани фискални сметки се оние издадени од ланците маркети и бензиските пумпи.
Најголем број односно 74 866 фискални сметки скенирала Штипјанка, по неа е жителка на Валандово со 52 731 скенирана фискална сметка, а со 41 647 скенирани фискални сметки е жител на Кичево, потоа следат граѓани од Битола, Велес, Скопје, Прилеп, Кочани, Неготино и Гевгелија.
293 348 корисници на апликацијата се жени, а 245 571 се мажи. По однос на возраста апликацијата ја користат лица од 15 до над 90 години, а најмногубројни се корисниците што скенираат сметки, од 31 до 50 години. Досега биле поднесени 5 632 претставки за неиздадени фискални сметки. Со тоа, посочи Лукаревска се намалува нелојалната конкуренција и сивата економија.
„За овие 4 години кај граѓаните вративме 6,6 милијарди денари или 107, 5 милиони евра. Исплатата за скенираните фискални сметки во второто тримесечје односно во месеците април, мај и јуни ќе се реализира во август каде се очекува да се исплатат 696 милиони денари, или 11,2 милиони евра. Тоа се сериозни средства вратени на сметките на граѓаните кои скенираат фискални сметки и на тој начин директно ги подобруваат семејните буџети.“- рече Лукаревска.
На граѓаните од оваа година преку оваа мерка, со донесените законски измени предложени од Министерството за финансии, им се врши и зголемен поврат, од 1.800 денари на 2.100 денари во едно тримесечје.
Лукаревска апелираше до граѓаните кои сеуште не се регистрирани на апликацијата, да се регистрираат, а граѓаните кои веќе ја користат апликацијата редовно да ги ажурираат податоците, особено е важно граѓаните кои промениле трансакциска сметка, навеле туѓа трансакциска сметка или број на платежна картичка истото да го корегираат.