Охриѓанката Анастасија Мојсовска е вториот македонски претставник на ЛОИ Париз 2024
Македонија доби уште еден учесник на Летните Олимписки игри во Париз. Тоа е охриѓанката Анастасија Мојсовска од спортско стрелаштво која ќе настапи во дисциплината 10 метри воздушна пушка жени 60 истрели. Според програмата на Олимписките игри натпреварот ќе биде на 28 Јули 2024 година.
Охриѓанката Анастасија Мојсовска од спортско стрелаштво е вториот потврден учесник од Република Македонија на Летните Олимписки игри во кои ќе се одржат од 26ти јули до 11ти август Париз. Македонската спортска стрелачка федерација соопшти дека информацијата е потврдена од Интернационалната спортска стрелачка федерација пред неколку дена.
Мојсовска ќе се натпреварува во дисциплината 10 метри воздушна пушка жени 60 истрели, а според програмата на Олимписките игри ќе настапи на 28-ми јули. Овој голем успех на Анастасија Мојсовска воедно е голем успех за спортското стрелаштво и за Македонија. Нејзините почетоци се во СК „Охрид“, а сега е член на СК „Стрелец” од Скопје. Тренажниот процес го реализира со нејзиниот клубски тренер Јордан Тасевски со кој макотрпно заедно тренираат во изминатите години.
Анастасија Мојсовска е млада спортистка на 22 годишна возраст, но е докажана како стрелец, кој покрај тоа што била повеќекратен Државен првак и рекордер на Македонија, има остварено високи резултати и на меѓународните натпревари. Таа тоа го докажа и на последниот Светски куп во Минхен 2024 каде постави нов Државен рекорд и висок светски резултат кој е конкурентен за влез во финале на претстојните Олимписки игри во Париз.