Општина по мерка на бизнисот
Локалните самоуправи од целиот регион, од денес, можат да се пријават на јавниот повик за учество во Програмата за сертификација на градови и општини со поволно деловно опкружување во Југоисточна Европа (BFC SEE) и со тоа да ги унапредат условите за привлекување инвестиции и побрз развој на постоечкото стопанство.
Јавниот повик е објавен од страна на Партнерството за конкурентен регион (CORE Partnership) во соработка со Германската развојна соработка што ја спроведува ГИЗ. Ова е уникатна програма за подобрување на квалитетот на услугите и информациите кои општините во регионот на Југоисточна европа им ги нудат на компаниите.
Програмата им обезбедува на општините јасен патоказ за создавање поволна бизнис средина и воведување на меѓународно признати стандарди за ефикасна и транспарентна локална администрација.
Повикот е отворен за вкупно 50 единици на локална самоуправа од регионот, кои досега не учествувале во оваа програма. Програмата за сертификација на градови и општини со поволно деловно опкружување се спроведува од 2012 година. Процесот на сертификација е во времетраење од 12 месеци и започнува со обука на тим на локалната самоуправа кој е задолжен за исполнување на поставените критериуми.
Потоа следи процес на евалуација, во кој се оценува моменталната состојба во градот или општината, по што се доставува извештај до раководството со конкретни препораки за унапредување што е потребно да се применат во зададен период. На крај од процесот, независна верификациска комисија проценува дали локалната самоуправа ги исполнува условите за сертификат.
Досега во Македонија ваков сертификат добија Град Скопје, Велес, Струмица, Штип, Илинден, Гази Баба и Богданци, и се меѓу најуспешните локални самоуправи за привлекување инвестиции и развој на локалното стопанство.
Заинтересираните општини може да достават пријава преку веб страницата Програмата за сертификација на градови и општини со поволно деловно опкружување во Југоисточна Европа www.bfc-see.org или да се обратат до ЗЕЛС како надлежен Технички секретаријат за спроведување на оваа Програма во Македонија.