Skip to main content

Храбро срце

Органодарителството се` уште на многу ниско ниво

Со кампања под мотото „Предизвик“ Националното здружение „Храбро срце“ ќе ја подигнува свеста за органодарителството кај младата популација. Велат свеста за органодарување во земјава се` уште е многу ниска. Потребна е национална кампања со поддршка од државата и институциите, но и измени во законот. 
 |  инфодеск  | 
кампања за органодарителство на здружението Храбро срце

Дарувањето органи се смета за највисок чин на хуманост. Во моменти кога згаснува еден живот, да се подари живот некому, кој го делат денови до смртта, е бесценето. Националното здружение „Храбро срце“ деновиве започнува нова кампања за подигнување на јавната свест. Под мотото „Предизвик“ ги повикуваат младите, со објавување видеа, да ги поддржат на социјалните мрежи.

„Секој кој сака да го поддржи здружението треба да сними видео со поддршка за здружението и подигање на свеста за органодарителството. Го објавува видеото на својот инстаграм профил, го обележува здружението, фан страната и обележува свој пријател“ – вели Васко Јолески, претседател на „Храбро срце“.

Законот за органодарителство во земјава е донесен со консензус на верските заедници. Меѓутоа, голем дел од населението се` уште не го прифаќа истиот, поради верски обичаи. Од „Храбро срце“ велат сами ја водат битката, но потребна е национална кампања со поддршка од државата и институциите.

„За жал оние кои што треба да ја подигаат свеста и кои треба најмногу да вложуваат во тоа, се оглушуваат. Односно, власта не прави ништо за да покрене една голема кампања, силна кампања по примерот на Хрватска, кои денес стигнаа да се врв во Европа“ – вели Јолески, претседател на „Храбро срце“.

Потребни се и измени во зaконот, со што секој човек ќе може да биде потенцијален донор, доколку во живототот потпишал таква изјава. Досега, во земјава има само шест органодарувања од починат донор, а кампањата ја поддржаа политичари, доктори, спортисти и јавни личности.

Новинар Соња Рилковска