Откриена античка римска бања кај селото Прилепец, Прилепско

Прилепскиот Завод и Музеј продолжува со археолошките ископувања во месноста Долиште во близина на селото Прилепец, каде за првпат на оваа локација се истражуваше во 2022 година.
Како што информира Маркукуле, археолозите пронашле една просторија од римска античка бања. Тоа е просторијата во рамки на бањата во која луѓето кои доаѓале да ја одржуваат својата телесна хигиена се потеле, т.н. судаториум. Оваа просторија имала висечки под од керамички плочи и малтер кои лежеле врз столбчиња од т.н. хипокаустни керамички кружни тули. Под овој висечки под струел топол воздух. Тоа е всушност еден вид на подно загревање, но со мошне топол воздух. Евидентиран е и сегмент од уште една просторија од бањата, т.н. префурниум, во која се ложел оган кој го затоплувал воздухот кој струел под подното ниво на просторијата за потење.

Делот од бањата кој е откриен има димензии од 11 х 8 м., како и според откриениот мермерен столб од преку 2,5 м. во должина (заради лимитираниот буџет за истражување столбот не е откриен во целосна должина), а истиот стоел покрај влезот од надворешната страна. Оваа бања била речиси неколку пати поголема од јавните бањи откриени во другите антички градови кај нас.
Според претпоставките, најверојатно се работи за сеуште неубицираниот град Пелагонија. Покрај бањата која се истражува оваа година, од движни наоди се откриени две бронзени монети, една на Александар и една кована од градот Пелагонија. Монетите на градот Пелагонија кои се ковале веднаш по поделбата на античка Македонија а по окупација од страна на Рим во средината на 2 век пред нашата ера, се мошне ретки.