Skip to main content

Откриени милиони евра злоупотреби во Институтот за јавно здравје: Вработени земале плата без да доаѓаат на работа

Ревизија во ИЈЗ откри хаос во трошењето и евиденцијата
 |  инфодеск  | 

Раководството на Институтот за јавно здравје алармира за низа неправилности во работењето на институцијата, откриени по внатрешните контроли и ревизорските проверки. Според директорката д-р Марија Андоновска, биле утврдени случаи на вработени кои со години не се појавувале на работните места, а редовно примале плата и биле евидентирани како присутни.

Како што посочи таа на прес-конференција, дел од вработените биле внесувани во системот за присуство иако физички не биле на работа. Според нејзините информации, постоела практика други лица да ги евидентираат во системот, со што се создавала привидна слика за редовно исполнување на работните обврски.

„Одев по канцеларии и ги прашував: Извинете, вие што работите, како јас можам да ви помогнам, да ве мотивирам, еве во иднина што би можеле подобро да сработиме, како вие како работник би биле помотивирани да работиме?’ И тој вели: ‘Па не знам.’ ‘Кажете ми, еве ако не ви текнува сега, можете да ми соопштите. Баш ме интересира која е вашата дневна обврска. Еве денеска што завршивте од работите?’ После моите инсистирања, ми викаат: ‘Знаете како, па јас не доаѓам баш на работа’. Најголем дел таквите си заминаа сами, бидејќи тие практично си имале и други работни обврски и самите си заминаа“, вели Андоновска.

За поранешниот директор Шабан Мемети рече дека земал плата над 100.000 денари спротивно на колективниот договор, а вработувал и административци без положен административен испит. Андоновска вели дека за овие неправилности веќе ги известила дел од надлежните институции и очекувала обвинителството веќе да реагира. Таа сепак истакна дека дел од вработените во Институтот за јавно здравје си ја вршеле чесно и професионално работата, па апелираше сите вработени да не се ставаат во ист кош.