Отсуствува Национална стратегија за заштита и спасување, квалификуван персонал и несоодветно управување со имотот од страна на ДЗС
Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Дирекција за заштита и спасување за 2023 година. Со ревизијата е утврдено дека ДЗС се соочува со сериозни предизвици во своето функционирање, поради недостаток на Национална стратегија за заштита и спасување, недостаток на квалификуван персонал и неадекватно управување со имотот и опремата. Ова создава значителни ризици за безбедноста на земјата, особено во услови на природни непогоди и други несреќи, каде брзата и ефективна реакција е од клучно значење
Со Одлуки на Владата на Република Македонија, во 2005 година на ДЗС и се отстапени на користење вкупно 198 објекти (100 засолништа и 98 деловни простории – канцеларии, магацини, гаражи и друго).
Во деловните книги евидентирани се 24 градежни објекти (12% од вкупниот број на доделени објекти), но за истите не беа презентирани имотни листови како и документација за применетата методологија по која е извршена проценката на нивната вредност. Во 2019 година ДЗС, до Бирото за судски вештачења има доставено барање за извршување на процена на 32 градежни објекти. Бирото доставило Процена на вредноста, но до денот на известување од извршената ревизија деловните објекти не се евидентирани во деловните книги на ДЗС.
За останатите 142 градежни објекти (72% од вкупниот број дадени на користење) не е започната постапка за проценка на вредноста и евидентирање во деловните книги на ДЗС, иако за оваа состојба дадена е препорака и во Конечниот извештај на овластениот државен ревизор за извршена ревизија за 2010 година.
– Со посета на дел од засолништата кои и се доделени на ДЗС, а се наоѓаат во подрачните одделенија во Општините Центар, Аеродром, Карпош, Гази Баба, Велес и Штип, кои располагаат со вкупно 32 засолништа, утврдивме дека ДЗС не врши нивно тековно одржување. Голем дел од засолништата се блокирани или затворени од препреки од дрва и кабаст отпад, дел од нив се отворени и личат на депонии, а некои се магацини за стара опрема. Некои засолништа не се во функција поради неисправни системи за вентилација и недостаток на струја и вода. Истовремено, едно засолниште се користи од приватно правно лице, за кое користење не ни беше доставена документација за закуп, ниту пак утврдивме соодветен приход по овој основ, се вели во соопштението.
Дел од опремата на ДЗС сместена во магацините е нефункционална, неупотреблива и технолошки застарена, некомпатибилна, непроверена, несервисирана веќе подолг период, со поминат рок на употреба. Дел од опремата која е доделена од МО согласно делбен биланс уште во 2005 година, е постара од 40 години.
Согласно Правилникот за систематизација на работните места, во ДЗС предвидени се седум работни места за пилоти, но до јуни 2024 година пополнети се три. По заминувањето на двајца пилоти во пензија, ДЗС остана со еден активен пилот. По извршениот вонреден инспекциски надзор, АЦВ времено го ограничила ДЗС во извршувањето на летечки операции поради недостигот на квалификуван воздухопловен персонал. ДЗС поднела барање до Владата за согласност за ангажирање на двајца пилоти по договор за дело, Поради недостиг на пилоти воздухопловите на ДЗС нема да можат да се користат, што ќе има влијание врз целокупниот процес на заштита од пожари. Имајќи предвид дека во првата половина на месец јули 2024 година на територијата на Републиката активни се повеќе од 10 пожари на отворено, од страна на ДЗС со пензионираните пилоти, склучени се договори за дело за период од три месеци.
ДЗС нема донесено пишани критериуми за утврдување на потребите и приоритетите за набавка на противпожарна опрема и средства за гасење на пожари за противпожарните единици. Во 2023 година набавени се 40 изолациски дишни апарати и 20 рачни термални камери за пожарникари, но истите не се распоредени на ТППЕ по општините, туку се складирани во магацините на ДЗС. Дополнително во март 2024 година набавени се уште 40 изолациски дишни апарати, кои исто така се наоѓаат во магацините на ДЗС.
– За периодот по 2018 година не е донесена Национална стратегија за заштита и спасување, иако во 2021 година се изработени нацрт Национална стратегија за заштита и спасување и Акциски план за период од 2022-2025, но истите сеуште не се донесени. Ваквата состојба создава ризик од некоординирани активности на локално, национално, регионално и меѓународно ниво при справувањето со опасностите од природни непогоди и други несреќи и влијае врз целокупниот систем на заштита и спасување во државата, се додава во соопштението.