Skip to main content

Овации за Биљана Драгиќевиќ Пројковска во Народниот театар во Софија

Поканата за гостувањето на сцената на Народниот театар во Софија, е големо признание за нашата актерка, бидејќи овој театар со своите претстави е еден од водечките во регионот и Европа.
 |  инфодеск  | 
Театар Софија

Една од нашите најдобри актерки Биљана Драгиќевиќ Пројковска, вчеравечер играше како гостин на сцената на Народниот Театар „Иван Вазов“ во Софија. Пројковска во улогата на ликот Серафима Илинична беше дел од претставата „Животот е прекрасен” во режија на Александар Морфов, кој е еден од водечките европски режисери на денешницата. Пројковска имаше повеќе пати аплаузи на отворена сцена во текот на претставата, а на крајот од изведбата беше поздравена со бурни аплаузи и овации.

Инаку, и македонската публика имаше можност да ја гледа Биљана Драгиќевиќ Пројковска, толкувајќи го истиот лик на Серафима Илинична, во нашата изведба на „Животот е прекрасен“, поставена во Македонскиот народен театар, во режија на Александар Морфов. Важно е да се спомене, дека оваа македонска врвна актерка за истата улога ја доби и престижната актерска награда на Македонскиот Театарски Фестивал „Војдан Чернодрински“, за најдобра епизодна женска улога на изданието на Фестивалот во 2016 година.

Театар Софија

Народниот театар „Иван Вазов“ со оваа изведба го прослави јубилејот по повод 100 годишнината од раѓањето на големата режисерка и професорка Јулија Огненова. По повод јубилејот на сцената на Народниот театар се одигра претставата „Животот е прекрасен“ од Николај Ердман на режисерот Александар Морфов, кој што е еден од нејзините најпознати ученици.

Претставата е создадена според драмата „Самоубиецот” на Николај Ердман, која долги години беше забранета за играње од властите во Советскиот сојуз. 

Претставата е една од најдобрите и најгледаните во Народниот театар и билетите за синоќешната изведба беа распродадени неколку месеци порано.

Во претставата заедно со Пројковска играат големи актерски имиња од Народниот театар: Камен Донев, Рени Врангова, Албена Колева, Руси Чанев, Радина Боршош, Теодор Елмазов, Дарин Ангелов, Валентин Танев, Иван Брнев, Павлин Петрунов, Биљана Петринска, Јордан Петков, Емил И. Марков, Валентин Балабанов…

Поканата за гостувањето на сцената на Народниот театар во Софија, е големо признание за нашата актерка, бидејќи овој театар со своите претстави е еден од водечките во регионот и Европа.

Театар Софија