Во Тетово одржана третата панел-дискусија „Каква магија се крие зад една петка – минатото и сегашноста во дуел“
Во Тетово денеска се одржува панел-дискусија „Каква магија се крие зад една петка – минатото и сегашноста во дуел“, со фокус на тоа како се менувало значењето на оценувањето низ генерации, што денес значи вистински успех и како наставниците го препознаваат трудот и напредокот на учениците во современиот контекст.
Ова е трета дискусија во државата која Министерството за образование и наука ја одржува во рамки на националната кампања „Магијата е во знаењето“ чија цел е да ја истакне суштинската улога на наставниците и значењето на нивната професија во општеството.
Министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, во своето обраќање истакна дека магијата на наставничката професија е во човечноста, во допирот и разбирањето што ниту еден уред не може да ги замени. Во минатото, учењето, посочи Јаневска, беше трпеливо запишување и помнење, а денес учењето е и селекција, анализа и создавање нови идеи кои водат до личен успех и придонес кон развојот на државата.
-Но, во обете времиња постои нешто заедничко, тоа е магијата што ја создава наставникот, кој ја претвора љубопитноста во знаење и бројките во човечки приказни. Денес, учениците имаат пристап до милиони информации, но вистинската вредност на наставникот е што знае да ги претвори тие информации во знаење, во разбирање и во љубопитност. Учителот не носи наметка, но создава магија, магијата на учењето што ја менува иднината, додаде министерката.
Милка Тримчевска, директорка на Биро за развој на образованието, посочи дека магијата зад успехот на учениците секогаш започнува со наставникот, а Бирото е тука да ја поддржи таа магија преку континуиран професионален развој и менторска поддршка на наставниците.
На панелот своите искуства и размислувања ги споделија и Даниела Апостоловска, одделенски наставник и помошник директор во ООУ „Братство – Миѓени“ од Тетово, Сихана Каба Касами, одделенски наставник и директор во тетовското ООУ „Кирил и Методиј“ и Салих Мислими, доктор по општа медицина и професор по стручни предмети во ОСМУ ,,Никола Штејн” – Тетово.
Денешната панел-дискусија потсети дека вистинската магија на образованието не е во брзината на пристап до информација, туку во способноста да се разбере, почувствува и примени знаењето. Иако времињата се менуваат, наставниците и понатаму остануваат оние што ја претвораат љубопитноста во мудрост, а „петката“ во нешто многу повеќе од бројка.