Папата прв го доби дресот со кој Македонија ќе игра на ЕП 2020!
Фудбалската репрезентација на Македонија се подготвува за настап на Европското првенство (ЕП) кое ќе се игра за нешто повеќе од две седмици, а првиот дрес со кој нашиот национален тим ќе игра на собирот се најде во рацете на Папата Франциск.
Претседателот Стево Пендаровски беше во службена посета на Ватикан и оствари средба со Папата. Во знак на благодарност му подари дрес од Македонија со кој ќе се игра на ЕП, со надеж за среќа и успех.
„Папата Франциск прв го добива најновиот дрес на македонската фудбалска репрезентација со неговото име испишано на кирилица. Ова е дресот со кој ќе настапат нашите најдобри фудбалери на претстојното ЕП. Нека донесе среќа, нови успеси и победи на претстојното европско првенство“, истакна Пендаровски.
Засега нема информации каде љубителите на фудбалот може да го видат, ниту купат ова новодизајнирано „златно парче“ облека кое се бара на големо, затоа што Македонија е во исчекување на првиот голем фудбалски собир во својата историја.