Пазарна инспекција од утре ќе проверува дали училишниот прибор се продава со ограничена маржа
Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски, ги повика трговците веднаш да ги прилагодат цените на училишниот прибор согласно одлуката на Владата за ограничување на профитните маржи.
„Од утре инспекторите ќе бидат на терен и ќе вршат контроли за да се утврди дали трговците постапиле во согласност со оваа Одлука. Инспекторите ќе постапуваат во рамки на нивните надлежности кои произлегуват од Одлуката, а согласно тоа и според Законот за трговија. Напоменувам дека Државниот пазарен инспекторат ќе постапува исклучиво по однос на контрола на цените утврдени со Одлуката, но нема надлежност да постапува, ниту пак да влијае врз формирање на цени во трговијата на големо и трговијата на мало. Како што постапувавме претходно, така и сега, нема да има компромис за никого, законот ќе важи еднакво за сите и сите трговци опфатени со Одлуката имаат обврска да ја почитуваат!“, порача Трајковски.
Тој ги повика и потрошувачите доколку забележат неправилности да пријават во пазарниот инспекторат на 191 или на службената веб-страница.