Skip to main content

Претседател на Македонија

Пендаровски згрозен од случајот Онкологија, разбирлив е гневот на граѓаните

„Здравствениот систем очигледно потфрлил, со што е изгубена довербата не само кај тие болни, туку е доведен во прашање и квалитетот на лекување на секој иден пациент.„- напиша претседателот во објава на социјалните мрежи.
 |  инфодеск  | 
Стево Пендаровски

Претседателот Стево Пендаровски, како и целата македонска јавност, згрозен од сомнежите за залоупотреба на терапијата за најтешко болните граѓани на скопска Онкологија. Потполно го разбирам гневот на граѓаните кои повикуваат на мирни протести, барајќи одговорност од оние кои заработувале на маките на најтешко болните наши граѓани, вели претседателот.

„Фрапантни и згрозувачки се јавно достапните информации за сомнежите за злоупотреба на терапијата за лицата болни од рак. Наместо на тие лица соочени со најтешката дијагноза да им пружи целосна поддршка и заштита, здравствениот систем очигледно потфрлил, со што е изгубена довербата не само кај тие болни, туку е доведен во прашање и квалитетот на лекување на секој иден пациент.„- напиша претседателот во објава на социјалните мрежи.

Тој ги поздравува до сега преземените дејствија од страна на Јавното Обвинителство и Министерството за внатрешни работи во насока на целосно расчистување на оваа огромна афера. Во исто време повикува на брзо и ефикасно комплетирање на истрагата и на судско-обвинителско процесуирање без селективност и соодветна казна за сите за кои ќе биде докажано дека сториле тешки дела против здравјето на луѓето.

„Крајно време е системот да потврди дека сме способни во пракса, а не само со зборови да се справуваме со тешките облици на организиран криминал и корупција и конечно да ја прекинеме културата на неказнивост за сериозни прекршувања на законите. Никогаш нема да бидеме вистинскко европско општество со одолговлекување на судските постапки и отсуство на лична одговорност. За здраво општество ни треба правна држава во пракса, не на хартија.“ – вели Пендаровски.