Петнаесет години без Тоше Проески
Македонија и Балканот се сеќаваат на Тоше Проески кој на денешен ден пред 15 години трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, на пат кон Загреб.
Тодор Проески – Тоше е роден на 25 јануари 1981. и својот музички талент го покажал уште како петтоодделенец на фестивалот „Златно славејче“ (1992) каде испеал песна на влашки јазик. Музичката кариера ја почна со победата на „Мелфест“ во Прилеп, во 1997. година, и оттогаш настапуваше на сите значајни фестивали во земјава и регионот, а во 2004-та ја претставуваше Република Македонија на Евровизија во Истанбул. Таа година стана и амбасадор на УНИЦЕФ. Објави седум албуми – неколку и во превод на српски/хрватски јазик.
Последниот – „Игри без граници“ беше промовиран две недели пред несреќата, а последниот концерт го одржа на Градскиот стадион на 5 октомври 2007.
Спомен-куќата на Тоше Проески на Гумење во Крушево за десет години ја посетиле преку 700 000 гости. На 25 април 2011 година е отворен овој импозантен музеј, Спомен дом кој една деценија ја раскажува приказната за Тоше, за големиот музичар, за хуманистот, човекот кој и денес ги плени срцата на луѓето од земјава, Балканот и од Европа.
Спомен-куќата е симболиката на сѐ во што веруваше Тоше, најпосетуваниот музеј на овие простори и со меѓународна награда за уникатно архитектонско дело. Во него се изложени 350 експонати, предмети, дел од животот на Тоше, а во депото има уште.