Петнаесет години дипломатски односи Македонија – Русија
Со свечен прием, доделување државни одликувања, историско-документарна изложба и богата културно-уметничка програма, денеска ќе биде одбележана 15-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Република Македонија и Руската Федерација.
На приемот во Домот на АРМ поздравни обраќања ќе имаат шефот на македонската дипломатија Антонио Милошоски и рускиот амбасадор во Македонија Владимир Солоцински.
За личен придонес во унапредувањето на руско-македонските односи и за промовирање на руската култура во светот, на академиците Гане Тодоровски и Милан Ѓурчинов, на професорот Максим Каранфиловски и на театарскиот режисер Иван Поповски, ќе им биде доделено државно одликување на Руската Федерација – Медал „Александар Пушкин“. Указот за нивно одликување во декември лани го потпиша рускиот претседател Дмитриј Медведев.
Предвиден е настап на руската фолклорна група „Чајка“, а ќе биде отворена и изложба за историјата на односите меѓу Македонија и Русија.
Руската Федерација ја призна Република Македонија под уставното име на 4 август 1992 година, а дипломатските односи меѓу двете земји на ниво на амбасади беа воспставени на 31 јануари 1994 година.
{loadposition content9}