По 7 години неработење конечно ќе заживее комплексот „Македонско село“

Комплексот „Македонско село“ кој не функционираше речиси седум години, откако претходните концесионери се повлекоа поради финансиски загуби, а во меѓувреме СОЗР редовно ги исплатуваше трошоците за осигурување и обезбедување и имаше финансиски загуби од над 300.000 евра, сега доби нов концесионер.
-По седум години запуштеност, Македонско село повторно ќе заживее! Денеска ја потпишав одлуката за избор на најповолен понудувач за комплексот „Македонско село“. После години на затворање и уништување на сè што претставува културно наследство, идентитет и историја – конечно започнуваме ново поглавје. Со оваа одлука правиме сериозен чекор кон враќање на животот во еден уникатен простор кој ќе биде отворен за сите граѓани, туристи и љубители на традицијата. „Македонско село“ ќе стане повторно жив центар на култура, автентична архитектура и македонска традиција. Време е за обнова. Време е за гордост, објави директорот на СОЗР Ивица Томовски.
Инаку, фирмата „Ла тераца“ ја доби концесијата за работа со комплексот во Горно Нерези за 3.500 евра месечно. Согласно договорот, сè што ќе се инвестира ќе остане во сопственост на државата.
Комплексот „Македонско село“, кој се наоѓа на падините на Водно, блиску до селото Нерези, се состои од 12 автентични куќи, со простории каде се претставени македонските занаети, делови се користат како хотелски соби, а некои имаат и ресторански дел.