Skip to main content

По 7 години повторно отворен етно-комплексот „Македонско село“

Етно-комплексот „Македонско село“ е составен од 12 традиционални куќи, занаетчиски работилници и угостителски објекти.
 |  инфодеск  | 

По седум години денеска повторно е отворен комплексот „Македонско село“ кој се наоѓа на Водно, во близина на Нерези. Нов концесионер е фирмата „Ла Тераца“ чија понуда беше избрана на најповолна на јавниот повик што го распиша Службата за општи и заеднички работи, по пат на електронско јавно наддавање, преку системот со кој управува Министерството за финансии.

По цели седум години запуштеност, денес му даваме нов живот на просторот што сведочи за тоа кои сме. Преку транспарентен и законски спроведен процес за избор на концесионер, овозможивме „‘Македонско село’ повторно да стане отворено место за културата, традицијата и туризамот, изјави Министерот за култура и туризам Зоран Љутков.

Тој во негово обраѓање додаде и дека комплексот, составен од 12 традиционални куќи, занаетчиски работилници и угостителски објекти, ќе биде јадро на културниот туризам, каде ќе се слави и пренесува македонската приказна на домашните и странските посетители.

На отворањето беше присутен премиерот Христијан Мицкоски кој посочи дека комплексот ќе придонесе во развојот на туризмот и истакна дека државата бележи раст од 20 отсто споредбено со истиот период минатата година.

– Ги повикувам сите оние кои што не го посетиле „Македонско село“, да дојдат во посета, да уживаат овде, во тоа што го нуди овој објект. И се разбира, во периодот кој што следи, да се погрижиме сето она кое што за жал изминативе седум години беше заборавено, уништено, девастирано, полека, но сигурно го обновуваме и повторно му го враќаме сјајот и го ставаме во функција, едно по едно, во зависност од приоритетите и можностите. Туризмот, како што знаете, веќе го коментиравме на почетокот на годината, бележи вонредни резултати. Кај странските гости имаме посебно голем раст, повеќе од 20 отсто споредено со истиот период од минатата година, рече Мицкоски.

Директорот на СОЗР Ивица Томовски, комплексот „Македонско село“ е идентитетот и културата на Македонците, бидејќи, како што рече, 12-те куќи кои имаат сопствена архитектура ја прераскажуваат многувековната историја на земјата.

Комплексот е многу значаен за Скопје, многу значаен за Република Македонија од неколку аспекти. Еден од аспектите е дека во суштина ова е идентитетот, културата на нас Македониците, бидејќи има 12 куќи кои имаат сопствена архитектура и тоа ја прераскажува нашата многувековна историја. Покрај тоа што ја кажува историјата и идентитетот, со овој комплекс ќе се овозможи дополнителна туристичка дестинација за градот, зголемен број на туристи и отворање на нови работни места, изјави Томовски.

Етно-комплексот се состои од 12 тематски куќи, а секоја претставува по еден град од Македонија – беровска, делчевска, кумановска, реканска, струшка, прилепска, тетовска, кратовска, галичка, битолска, велешка и куќа од Скопска Црна Гора.