Почна изборната кампања за нов претседател на државата
Денеска и официјално започнува кампањата за првиот круг од претседателските избори.
На првиот ден од изборната кампања, дел од претседателските кандидати најавија промоција на програмата со која ќе настапат на изборите, митинзи, отворање на изборни штабови, прес-конференции.
Според ждребката на Државната изборна комисија (ДИК), актуелниот претседател на државата Стево Пендаровски ќе биде под реден број еден на гласачкото ливче, втора е кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, трет е Стевчо Јакимовски од ГРОМ, четврт Бујар Османи од коалицијата „Европски фронт“ на ДУИ, петта е Билјана Ванковска-Цветковска од Левица, шести е Арбен Таравари од коалицијата „Вреди“ и седми е Максим Димитриевски, кандидат на ЗНАМ – За наша Македонија.
Првиот круг од претседателските избори ќе се одржи на 24 април, а вториот на 8 мај, заедно со парламентарните избори.