Skip to main content

Почна намалувањето на цените за роаминг меѓу ЕУ и Западен Балкан

Намалувањето на цените за роаминг официјално стапи во сила oд 1. октомври, а горната ценовна граница за еден гигабајт роаминг податоци во специјалните понуди и пакети, согласно Декларацијата за роаминг, не треба да биде повисока од 18 евра.
 |  инфодеск  | 
person holding black smartphone

Започна намалувањето на цените за роаминг меѓу Европската Унија и Западен Балкан, што беше предвидено со декларацијата потпишана на Самитот ЕУ – Западен Балкан во Тирана на 6. декември 2022 година, соопшти Советот за регионална соработка.

Намалувањето на цените за роаминг официјално стапи во сила oд 1. октомври, а горната ценовна граница за еден гигабајт роаминг податоци во специјалните понуди и пакети, согласно Декларацијата за роаминг, не треба да биде повисока од 18 евра. Ова ќе ги направи меѓународните патувања и комуникации значително поекономични, наведуваат од Советот за регионална соработка.

Во многу случаи, ценовното ограничување од 18 евра во специјалните понуди и пакети оди уште пониско, до 1,6 евра за гигабајт, додека три оператори од Западен Балкан – покрај цените во пакетот – ги намалија и редовните цени на топ -up услуги.

Операционализацијата на Декларацијата треба да овозможи намалување на оперативните трошоци на бизнисмените, да го поттикне бизнисот надвор од матичните граници и да даде дополнителен поттик на туризмот во регионот на Западен Балкан.

Целта е до 2028 година  цената на роаминг меѓу Европската Унија и Западен Балкан да се приближи до домашните цени.