Почнува официјалниот дел од самитот Отворен Балкан
Премиерот Димитар Ковачевски во Охрид ги пречека лидерите од регионот кои учествуваат на официјалниот дел на самитот „Отворен Балкан“.
Во Охрид денеска е официјалниот дел од самитот на иницијативата Отворен Балкан на кој учествуваат претседателот на Србија Александар Вучиќ, премиерите на Албанија и Северна Македонија Еди Рама и Димитар Ковачевски, како и премиерот на Црна Гора Дритан Абазовиќ и претседателот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Зоран Тегелтија во својство на посматрачи. Синоќа беше одржана работна вечера на учесниците, а за денеска се предвидени официјални обраќања на самитот, додека видео-обраќања треба да имаат и еврокомесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархеји и специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар.
Првата панел сесија на тема „Отворен Балкан го отвора туризмот“ започнува во 11.00 часот, а втората „Отворен Балкан ја отвора културата“ во 12.45 часот. На самитот потоа ќе бидат потпишани меморандуми за соработка во четири клучни области, а во 14.30 ќе се одржи прес-конференција на петте лидери. „Иницијативата Отворен Балкан е позитивна по сите основи на економската логика, бидејќи создава поголем пазар на капитал и можности за размена, што ќе доведе до зголемување на бруто домашниот производ на регионот“, се вели во соопштението на Владата на Северна Македонија.