Поднесени до ДИК кандидатските листи за пратеници
Ноќеска на полноќ заврши рокот за поднесување кандидатски листи за изборите за пратеници на 8 мај.
Според информациите од Државната изборна комисија (ДИК) листи за пратеници за сите шест изборни единици поднесле 13 коалиции и партии и тоа „Коалиција за Европска иднина“ предводена од СДСМ, Коалицијата „Твоја Македонија“, на ВМРО-ДПМНЕ, „Храбро за Македонија“ предводена од ГРОМ, коалиција „Македонска ера трети суверенисти“, „Европски фронт“ предводена од ДУИ, Коалиција „Вреди“ предводена од Беса, Движење ЗНАМ – За наша Македонија, Левица, Политичка партија Родина, Работничка партија, Демократи, Единствена Македонија, Десна.
Листи поднесле и партиите Родина и Аваја за третата, четвртата, петата и шестата изборна единица, партиите „Твоја“ и „Нова Алтернатива“ за првата, втората, третата и четвртата изборна единица и Група избирачи Ѓула Челику само во шестата изборна единица.
Според Роковникот за парламентарните избори, ДИК по приемот на листата на кандидати утврдува дали таа е составена во согласност со одредбите на Изборниот законик и дали кандидатите за пратеници ги исполнуваат условите предвидени во Уставот и од Изборниот законик. ДИК по спроведување на проверките донесува решение за потврдување на конечните листи.
Редоследот на гласачкото ливче на коалициите и партиите ќе биде ист како и за претседателските кандидати, а за другите партии ќе се изврши дополнително ждребување во Државната изборна комисија, согласно последните измени на Изборниот законик.
Претседателските избори ќе се одржат на 24 април, додека вториот круг од изборите се очекува да се одржи на 8 мај истовремено со вториот круг од претседателските избори. Изборната кампања за претседателските избори почнува утре, а завршува на 22 април, додека кампањата за парламентарните избори почнува на 18 април и завршува на 6 мај. Покрај тоа што за прв пат ќе се гласа во ист ден за втор круг претседателски и на парламентарни избори, карактеристично е што гласањето ќе се спроведе во работен ден, во среда.