Skip to main content

Поларни температури во Македонија, Охрид со -17

Утрово Берово со рекордни -28 степени

 |  инфодеск  | 

Во Берово во шест часот утрово температурата се спуштила до рекордни минус 28 степени, во Крива Паланка -23, во Битола -24, во Тетово -22, Прилеп -21, во Штип -20, а Охрид -17.

Излегувањето на отворено при вакви температури не е препорачливо. Неопходно е на себе да се има топла облека и соодветни обувки.

Студеното време ќе продолжи и денеска, а се очекува највисоката температура во Охрид да биде -7 степени. Во текот на ноќта, исто така, ќе има значителен пад на температурите на територијата на целата држава и прогнозите се дека повторно ќе имаме температури од минус дваесет степени.

Според прогнозата од УХМР, денеска ќе биде променливо облачно и многу студено со сончеви периоди, и со услови за провејување на слаб снег. Ќе дува умерен северен ветер. Максималната температура во земјава ќе биде насекаде негативна и ќе достигне од -12 до -7 степени.

Утре исто така се очекува да биде променливо облачно и многу студено со сончеви периоди, и со услови за провејување на слаб снег. Ќе дува умерен северен ветер. Најниската утринска температура во земјава ќе се спушти во интервалот -25 до -15 степени, а највисоката дневна од -13 до -7 степени.

Во наредните денови ќе се задржи променливо облачно и многу студено време со услови за провејување на локален слаб снег. Од среда се очекува намалување на облачноста и постепен благ пораст на температурата, а од петок ќе бидеме под јужно воздушно струење кога се очекува да има позначителен пораст на температурата на воздухот.