Skip to main content

Традиционална прослава

Последни подготовки за Илинденскиот марш

Освен во Крушево, Илинден се одбележува и во Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце и пред споменикот на првиот претседател на АСНОМ Методија Андонов Ченто.
 |  инфодеск  | 
Илинденски марш

Од Владата сооштија дека свечената програма за традиционалната прослава на 2-ри август Илинден, ќе започне во 11:30 минути со положување на цвеќе на Мечкин камен, по што ќе следува и обраќањето на премиерот Ковачевски.

Ден претходно, на 1 август ќе почне и годинeшното издание на манифестацијата „Десет дена Крушевска република“.

Отворањето на Гумење ќе биде со настапот на Македонската филхармонија и на Македонската опера и балет. Во текот на манифестацијата, која трае до 10 август, ќе има програма за деца, изложба на Зоран Кардула, повеќе концерти, како и проекција на македонски филмови.

Освен во Крушево, Илинден традиционално се одбележува и во Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце и пред споменикот на првиот претседател на АСНОМ Методија Андонов Ченто во центарот на Скопје.

Во пресрет на големиот национален празник Илинден, коњаниците што ќе учествуваат на 44-тиот традиционален коњички марш оваа година ги прават последните подготовки покрај кејот на реката Вардар и во Паркот на езерата, информираше градоначалникот на општина Аеродром, Тимчо Муцунски. 

Илинденски марш

На маршот што го организира Здружението на граѓани од Горно Лисиче „Илинденски марш 1978“, ќе учествуваат 27 коњаници од различна возраст, меѓу кои и една девојка. Тие ќе тргнат кон Крушево во среда, 27 јули, од паркот „Јане Сандански“ во 17:30 часот.

Во овој парк на коњаниците ќе им го предадам општинското знаме, по што со дефиле низ главните булевари во Аеродром коњаниците ќе се упатат кон црквата „Свети Петар и Павле“ во Горно Лисиче, каде што ќе се одржи собир проследен со културно-уметничка програма. Како што аеродромци се верни и посветени на одржувањето на овој марш, така и Општина Аеродром секоја година ќе вложува поголеми човечки и финансиски капацитети со цел традицијата никогаш да не згасне. Илинденскиот марш е една од најголемите и најзначајни културни манифестации како за Аеродром, така и за цела Македонија – порача Муцунски. 

Денеска пак, битолската коњаница „Галоп“ од пред Офицерски дом во Битола го почна седумдневното патување до Крушево каде на Илинден ќе учествува на манифестациите.

Во коњаницата учествуваат 12 момчиња и две девојки кои со своите коњи ќе одјаваат пат долг 174 километри, почнувајќи од Офицерски дом, а вечер ќе преноќат во селото Цапари.

За овој предизвик кој прв пат се организира во рамки на фестивалот „Илинденски денови“ се подготвувавме шест месеци, почнувајќи од месец јануари и се до денес. Подготовките беа тешки и напорни, но неуморно ги подготвувавме коњите, но и ние лично се подготвуваме со кондиција за издржливост. На патот до Крушево се и две девојки Симона и Ивана кои изразија желба да се вклучат во одбележувањето на Илинден и да се оддаде почит на илинденците кои го дале животот за Македонија – истакна Стојчевски и потсети дека само во битолското село Цапари биле евидентирани 94 илинденци.

Илинденски марш

Според планот, битолската коњаница во Крушево треба да пристигне на 31 јули, на 1 август ќе учествуваат на дефиле во Крушево, а на 2 август на Мечкин Камен ќе го одбележат државниот празник Илинден.