Skip to main content

Потпишана Декларација за спречување на насилството кај младите

Пет министерства, заедно со партнерски институции, невладини организации и членови на Националната работна група за превенција на насилство кај младите, денеска потпишаа Декларација за намери со која се обврзуваат на поинтензивна соработка во справувањето со овој сериозен општествен предизвик.
 |  инфодеск  | 

Министерството за образование и наука, Министерството за спорт, Министерството за внатрешни работи, Министерството за социјална политика, демографија и млади и Министерството за дигитална трансформација денес потпишаа Декларација за спречување на насилството кај младите. Процесот се реализира со поддршка на ОБСЕ.

Потписниците се заложија за создавање побезбедна училишна средина, едукација за ненасилна комуникација, превенција на насилството во спортот, зајакнување на дигиталната безбедност, унапредување на менталното здравје и психосоцијалната поддршка, како и подобра координација и одговорност меѓу институциите.

Министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, истакна дека насилството меѓу младите е појава која не може целосно да се искорени, но може значително да се намали преку навремени и координирани мерки.

-Направивме законски измени со кои училиштата се обврзуваат да планираат активности за промоција на добросостојбата на учениците, заштита од насилство и дискриминација, како и за подобрување на комуникацијата и меѓусебната почит. Ги зајакнавме стручните служби и ги вративме дежурствата на наставниците за време на одморите, изјави Јаневска.

Таа потсети дека се изработени прирачници за справување со врсничко и сајбер-насилство, базирани на практични примери и ефективни решенија.

-Младите не стануваат агресивни во училиште, туку агресијата најчесто ја носат од семејството. Во собраниска процедура се законски измени кои предвидуваат парични казни за родители и старатели на деца кај кои ќе се утврди врсничко насилство, истакна министерката. Таа додаде и дека во наредниот период ќе започне и мултиресорска кампања насочена кон превенција и справување со семејното и врсничкото насилство.

Во своето обраќање, министерот Тошковски нагласи дека превенцијата на насилството кај младите не е еднократна активност, туку континуиран процес кој бара секојдневна посветеност и координација меѓу сите релевантни чинители.

Декларацијата за намери што денес ја потпишуваме поставува заедничка рамка за дејствување врз принципите на еднаквост, недискриминација, инклузивност, пристапност и активно учество на младите. Само преку силна меѓуинституционална соработка и навремена реакција можеме да создадеме побезбедна средина за младите – во училиштето, во заедницата и онлајн, истакна Тошковски.

Министерот потенцираше дека Министерството за внатрешни работи веќе спроведува низа активности насочени кон превенција на насилството кај младите, меѓу кои воспоставување контакт-офицери во и околу училиштата, редовни средби со ученички совети, едукативни активности за врсничко и онлајн насилство, како и работилници за сајбер-булинг и безбедно користење на интернет.

Фото:makfax