Пратениците денес ќе расправаат за предлог-законот за минимална плата
Минималната плата од 600 евра денеска е пред собраниска расправа, откако Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата е ставен на дневен ред на Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика.
Со предложените измени се предвидува минималната плата во Република Македонија да биде утврдена на 600 евра. Предлогот влегува во прво читање, што е прва фаза од законодавната постапка.
Предлогот е подготвен и поднесен од претседателот на СДСМ, Венко Филипче, заедно со голем број пратеници меѓу кои Бисера Костадиновска Стојчевска, Благој Бочварски, Борче Цветков, Горан Мисовски, Даниела Николова, Димитар Ковачевски, Јован Митрески, Јованка Тренчевска, Љупчо Николовски, Миле Талевски, Митко Трајчулески, Моника Зајкова, Оливер Спасовски, Сања Лукаревска, Славјанка Петровска, Соња Мираковска и Фатмир Битиќи.
Откако ќе помине првото читање, предлог-законот ќе биде разгледан и во Законодавно-правната комисија, каде што ќе се дискутираат сите правни и технички аспекти на предложената реформа.