Skip to main content

Управа за јавни приходи

Предистражна постапка за даночни малверзации

УЈП ги демантира тврдењата на опозицијата дека станува збор за некаква афера и испумпување на пари од државната каса.
 |  инфодеск  | 
УЈП

Отворена е предистражна постапка за даночни малверзации од група даночни обврзници, соопшти денеска Управата за јавни приходи. Во нивното соопштение е наведено дека утврдено незаконско работење сторено од даночни обврзници кое УЈП го детектираше уште во јули 2021 година. УЈП ги демантира тврдењата на опозицијата дека станува збор за некаква афера и испумпување на пари од државната каса.

Во интерес на предистражната постапка на Јавното Обвинителство, информираме дека сите потребни материјали и податоци од страна на УЈП се доставени до институциите и дека се преземени сите потребни мерки во насока на заштита на државната каса – се вели во соопштението.

Претходно од ВМРО- ДПМНЕ во соопштение посочија дека на повидок е нов скандал на власта со фиктивни фактури и фирми при што од државата каса во УЈП биле испумпани 30 милиони евра.

Владата ги злоупотребува институциите за профит на блиски луѓе до врвот на СДСМ и ДУИ. Постојат сериозни сомнежи дека преку фиктивни фактури се правеле цесии со Управата за јавни приходи каде што директорува Сања Лукаревска, заменик претседател на СДСМ , на фирми кои што се должници и фирми кои што се побарувачи на данок на додадена вредност, односно преку фиктивни фирми побарувачи и фиктивни фактури од УЈП се испумпани до 30 милиони евра државни пари – се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од УЈП велат дека раната детекција на незаконската работа кај одредените даночни обврзници е резултат на посветената и професионалната работа на вработените во УЈП.