Предлог измените на Законот за АВМУ поминаа на Влада
Владата на 149тата седница го утврди текстот на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Според образложението од предлагачот, Министерството за информатичко општество и администрација, со измените се усогласуваат одредби во Законот со законодавството на Европската Унија,соопшти владината прес служба.
Министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу на брифинг најави дека во делот на медиумите првата фаза од измените на Законот за аудиовизуелни медиумски услуги е заокружена и ќе биде поставен на Е-Влада, со цел тие да се изгласаат што поскоро за да се испочитува зададениот рок – 31 мај годинава за да не се изгуби пристапот до фондовите од Креативна Европа.
Измените се однесуваат на финансиите за јавниот сервис МРТ и се прави анализа со којашто се планира да се намалат сегашните средства во износ од 1 процент за МРТ што се предвидени доколку не се загрозува Буџетот на државата.
Според министерот, со законските измени ќе се понуди и решение за регулација на мултимедијалните содржини (текст, аудио, видео). Порталите во оваа фаза не се опфатени и ќе влезат во ново решение. Првичните размислувања се тие да имаат регистрирана фирма во државава, како и минимум еден вработен како директор и уште двајца за работен процес.