Претседателот Иванов во Копенхаген на Самитот за климатски промени
Според програмата, шефот на македонската држава утре ќе има обраќање пред учесниците на Самитот.
Иванов ќе присуствува и на работниот ручек што за претседателите, премиерите и министрите учесници на Самитот го организира извршниот секретар на ОН задолжен за климата Иво де Бур.
На маргините на Самитот, македонскиот претседател ќе има средби и со своите колеги од Индонезија, Сусило Бамбанг Јудојоно и од Литванија, Далија Грибаускаите, а ќе присуствува и на вечерата приредена за шефовите на држави и влади од Кралицата на Данска, Маргарета Втора и принцот Консорт.
По две години интензивни преговори, претставници од 192 земји во данската престолнина, од 7-ми овој месец разговараат за договорот за намалување на емисиите на штетните гасови.
Договорот од Копенхаген би требало да претставува темел за новиот пакт за намалување на глобалното затоплување што ќе го наследи Протоколот од Кјото, чија важност истекува во 2012 година.
Предлогот до 2050 година барем да се преполови светската емисија на штетни гасови има за цел да премости дел од големиот јаз меѓу богатите и сиромашни држави.
Меѓу 15.000 учесници на Самитот ќе се најдат и лидерите на двата најголеми светски загадувачи, Кина и САД – Ху Џинтао и Барак Обама. САД не се потписнички на Протоколот од Кјото, па затоа нивното учество во новиот договор се смета за многу важно.
{loadposition content9}