Претседателот Пендаровски му го врачи мандадот за состав на нова Влада на Димитар Ковачевски
Претседателот на државата Стево Пендаровски, денеска му го врачи мандатот за состав на новата Влада на лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски. „Моја лична заложба е да ја вратиме довербата на граѓаните во политиката и институциите“ рече Ковачевски. Според Уставот, Ковачевски има рок од 20 дена да ја достави до Собранието програмата за работа и составот на новата Влада.
Денеска во вилата Водно претседателот на државата Стево Пендаровски му го предаде мандатот за состав на нова Влада на претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски. Владејачкото мнозинство, составено од СДСМ, албанската Демократска унија за интеграција ДУИ и неколку помали партии, има 64 пратеници. Формирањето на новата Влада на Ковачевски е најавено за средината на следниот месец, најдоцна до 18 јануари.
Врз основа на член 84 став 1 алинеја прва од уставот на Република Северна Македонија и известувањето на предлогот за мандатар доставено од СДСМ, за мандатар, а поддржано од коалициските партии во состав на коалицијата кои го имаат мнозинството во Собранието пропишано со Уставот на РСМ, за состав на Владата го определувам господинот Димитар Ковачевски претседател на СДСМ – истакна Стево Пендаровски, претседател на Македонија.
Според Уставот, Ковачевски има рок од 20 дена од добивањето на мандатот да ја достави до Собранието програмата за работа и составот на новата Влада. „Моја лична заложба е да ја вратиме довербата на граѓаните во политиката и институциите“ рече претседателот на СДСМ и мандатар за формирање нова Влада Димитар Ковачевски.
Од денес започнувам со формирање на новиот тим луѓе кои треба да одговорат на сериозните предизвици кои не чекаат од почетокот на следната година. Живееме во турбулентни времиња на кризи и неизвесности, соочени со долгогодишни проблеми кои го попречуваат напредокот на државата и остварување на стратешките цели. Ваквите времиња бараат стабилни одговорни храбри луѓе ќои ќе понесат одговорност да се соочат и надминат сите препреки со цел заштита и грижа за граѓаните – вели Димитар Ковачевски, претседател на СДСМ и мандатар за нова Влада.
Ковачевски на чело на Владата ќе го замени поранешниот лидер на СДСМ, Зоран Заев, кој поднесе оставка од премиерската функција и претседател на партијата. Ковачевски напомена дека новиот владин состав ќе биде ориентиран кон економијата, заштитата на здравјето, продолжување на евроинтеграцискиот процес и преговорите со соседна Бугарија.