Презентирана апликацијата „Мое здравје“
Апликацијата „Мое здравје“ ги обединува податоците од системот „Мој термин“ со податоците од Фондот за здравствено осигурување па пациентите електронски, во секое време и од секое место ќе имаат увид во сопствените здравствени податоци и прегледи, како од матичните лекари, така и од специјалистите. Сите издадени упати, рецепти, прегледи, дијагнози, лаборатории и податоци за примени вакцини отсега им се достапни не само на лекарите, туку и на пациентите. Според министерот за здравство Фатмир Меџити, апликацијата ќе го трансформира начинот со кој управуваме со нашето здравје.
„Преку „Мое здравје“ можете лесно да пристапите и да ја истражувате вашата медицинска историја. Оваа апликација ја става моќта на информацијата директно во вашите раце. Она што го издвојува „Мое здравје“ е неговата беспрекорна интеграција со системот „Мој термин“,– посочи министерот.
Министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу истакна дека како МИОА ги поддржуваат сите процеси што се дигитализираат или се дел од процесот на дигитализација. Се работи на креирање на Агенција за дигиализација, истакна министерот Алиу.
„Интензивно работиме со сите министерства и институции во коишто сакаме да го подобриме тој процес или да почнеме со процесот на дигитализација на услугите во коишто ги има“– додаде Алиу.
Апликацијата „Мое здравје“ е достапна од 12 мај. Го претставува вашето електронско здравствено досие и е наменета за граѓаните од сите возрасти кои сакаат да имаат пристап до своите здравствени податоци. Освен на пациентите, таа ќе служи и како поддршка за здравствениот систем. Достапна е на македонски, албански и англиски јазик во мобилна и деск-топ верзија. Истата е бесплатна и за преземање од сите заинтересирани полнолетни граѓани на Република Северна Македонија достапна е за “Android” или “iOS” оперативни системи.
За преземање на апликацијата: [Google Play Store] /[Apple App Store]