Прифатен предлогот за разрешување на Зврлевски
Владата ја комплетира процедурата за разрешување на Зврлевски
Советот на јавни обвинители на денешна седница со мнозинство гласови го прифати предлогот на Владата за разрешување на државниот јавен обвинител, Марко Зврлевски.
– На денешната седница членовите на Советот со мнозинство гласови позитивно се изјаснија по предлогот на Владата за разрешување на јавниот обвинител на Македонија. Ние уште денеска ќе го доставиме мислењето до Владата заедно со краткото образложение како што налага законот – изјави претседателот на Советот, Петар Аневски.
Тој не сакаше да одговори на прашањето од новинарите, кое е образложението на Советот за прифаќање на предлогот на Владата, и рече дека штом постои предлог, тие мора да се изјаснат по него во рок од 15 дена и дека тоа веќе го направиле.
Прашан за неговата претходна изјава дека Зврлевски е „перфектен“ обвинител, Аневски кажа дека тогаш се изразил во суперлативи, додавајќи дека нема забелешки за работата на Зврлевски и дека е добар обвинител.
Тој додаде дека во обвинителствата има голем број обвинители и дека државниот јавен обвинител „не може беспрекорно да ја следи работата на сите“.
Аневски рече дека Зврлевски писмено се произнел за барањето на Владата за негово разрешување, но дека тоа ќе игра улога доколку Зврлевски изрази желба да се обрати на седницата на Собранието, кога ќе се одлучува за неговото разрешување.
Инаку, со денешната одлука на Советот на јавни обвинители, Владата ја комплетира процедурата за разрешување на Зврлевски и предлогот може да го достави до Собранието, кое треба да закаже седница на која треба да се изгласа разрешување со просто мнозинство од 61 пратеник.