Пристигнаа иконите од Албанија, вечерва ќе бидат изложени во фоајето на Музејот на Македонија
Денеска во Тирана беше извршено примопредавање на незаконски изнесените македонски икони од страна на министерката за култура на Република Албанија, Елва Маргарити на Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Веднаш по враќањето на македонската делегација, вечерва иконите ќе бидат изложени во фоајето на Музејот на Северна Македонија, каде што ќе се одржи пригоден настан на кој ќе присуствуваат премиерот Димитар Ковачевски, поглаварот на Македонската православна црква, г.г. Стефан, претставници од МАНУ и работната група која учествуваше во оваа прва реализирана реституција на културни добра во регионот, информираа од Министерството за култура.
Иконите потекнуваат од југозападниот дел на Македонија и биле украдени во периодот од 2008 до 2013 година. Тие пред 10 години биле идентификувани од историчарот на уметност Сашо Цветковски од МАНУ преку медиумите во Албанија во телевизиски прилог за премиерот Еди Рама.
Дел од иконите се украдени од црквата „Св. Атанасиј“ во Ресен, пет икони од црквата Св. Богородица, во селото Ѓавато, исто толку од црквата Св. Атанасиј во Струга, три икони од црквата Св. Никола во селото Радожда и три од црквата Св. Богородица во Струга.
Пред церемонијата на свечено предавање на иконите Маргарити и Костадиновска-Стојчевска имаа билатерална средба на која тема на разговор беа билатералната соработка и идните заеднички активности во рамките на УНЕСКО.
На средбата ја потврдивме добрата волја и посветеноста на двете држави во заштитата и промоцијата на нашите културни обележја. Разменивме мислења и искуства околу актуелните прашања и процеси во нашиот ресор, а посебен акцент ставивме на следните чекори кои треба да ги преземеме во спроведувањето на заедничката агенда за заштита на Охридскиот Регион при спроведување на препораките од УНЕСКО. Продолжуваме во духот на добрососедските односи и на мултикултурализмот, како основа на нашите регионални политики и унапредување на регионалната соработка, истакна министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Костадиновска-Стојчевска во Тирана го посети и македонскиот Културно-информативнеи центар.
извор: Министерство за култура / Канал 5