Пристигнаа првите средства во износ од 52,4 милиони евра од Инструментот за реформи и раст од ЕУ

На денешната прес-конференција министерот за европски прашања Орхан Муртезани информира дека Македонија ги доби првите средства во износ од 52,4 милиони евра, од претфинасирањето во рамките на Инструментот за реформи и раст од ЕУ, од кои 24,4 за буџетска поддршка и веќе се уплатени на Министерството за финансии.
-Пристигнаа средствата од претфинасирање во рамки на Инструментот за реформи и раст од ЕУ за земјава во вредност од 52, 4 милиони евра, односно седум проценти од вкупната вредност на финансиската поддршка која за нашата земја изнесува 750 милиони евра. Оваа исплата е врз основа на барањето за предфинансирање за кое во ноември лани известивме дека како национален координатор за реформската агенда го потпишав и го доствавивме до ЕК. Со ова, Северна Македонија стана првата земја во регионот која ги доби овие средства откако претходно ги заврши правните процедури, а тоа значи дека Договорот за заем и Договорот за грант се веќе стапени во сила, изјави министерот.
Министерот за европски прашања истакна дека од сумата од 52,4 милиони евра 24,4 се веќе легнати на сметката на Министерството за финансии во Народната банка, 15 милиони се грант и се префрлени во Инвестицискиот фонд за ЗБ (WBF), а останатите 13 милиони евра се заем и се во процедура на исплата, а се исто така префлени во Инвестицискиот фонд за ЗБ.
За користење на фондот, секоја земја најпрво требаше да подготви реформска агенда, која е консултирана, оценувана и одобрена од Европската комисија по позитивната оценка од Советот на ЕУ. Инаку, реформската агенда претставува и алатка која има за цел да обезбеди имплементација на неопходните реформи кои ќе овоможат општествена трансформација преку забрзување на усогласувањето на приоритетните области со вредностите, политиките и практиките на ЕУ.