Продолжува воената вежба „Блесок-22“
По успешно завршеното оценување на лесниот пешадиски баталјон во рамки на воената вежба „Блесок-22“, денеска со почеток во 11.00 часот на Армискиот полигон ,„Криволак“ ќе се реализира „Ден за високи гости“, соопштија од Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија.
Според програмата, преку изведување на вежба со боево гаѓање „Засилен лесен пешадиски баталјон во напад“, ќе бидат демонстрирани ситуации и постапки со кои ќе се прикаже обученоста и извежбаноста на припадниците на Армијата од лесниот пешадиски баталјон и дел од единиците кои учествуваа на вежбата „Блесок-22”.
На денот за високи гости ќе присуствуваат: Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, министерката за одбрана, Славјанка Петровска и началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, претставници од кабинетот на Претседателот, од собранието, министри од Владата, генералите на Армијата, од генералштабот и министерството за одбрана, команданти на командите и единиците на Армијата воените аташеа акредитирани во Република Македонија и други гости, информираат од ова министерство.
Додаваат дека оценувањето на лесниот пешадиски баталјон, на воената вежба Блесок-22кое се реализираше согласно Концептот за оперативни способности на НАТО го спроведе оценувачки тим на Армијата на Република Северна Македонија, поддржани од оценувачи од други земји и тим на монитори од НАТО при што официјалната оценка е „борбено оспособен за извршување на својата мисија“.
На воената вежба Блесок-22 ќе учествуваат околу 1100 припадници од Армијата, како и одреден број на оценувачи и набљудувачи од НАТО. Од Министерството велат дека основната цел на вежбата „Блесок 22“ е оценување на борбената подготвеност на Лесниот пешадиски баталјон (лпб), согласно Стандардите за оценување на копнени команди и единици на Здружената команда за операции на НАТО – CREVAL (Combat Readiness Evaluation).