Пронајден жив уште еден од исчезнатите македонци
„(Новинар): Најдобриот роденденски подарок?
(Иван): Да,да.. најлошиот подарок, би рекол.“
Ова беше првата изјава на 30-годишниот Иван кој повеќе од 18 часа се бореше со немирните води на Егејското море. Воениот хеликоптер кој учествувал во акцијата го лоцирал исчезнатиот југозападно од полуостровот Касандра на Халкидики.
Според грчките медиуми, Иван со часови пливал држејќи се на топка, која струите ја донеле близу до него. Со глисер на крајбрежната служба тој е однесен до пристаништето Неа Скиони, а оттаму е транспортиран до најблиската болница.
Околните жители кои будно ја следеа спасувачката операција го поздравија со громогласен аплауз.
Не се знае колку време 30-годишникот ќе биде под лекарски надзор, но она што е познато е дека е во релативно добра здравствена состојба. Неговите најблиски се среќни што на стресното деноноќие му е ставен крај.
„(Новинар): Тој е многу силен.
(Роднина): Да, многу силен. Сите мислевме дека ќе биде во многу полоша состојба, но среќа што е добар.
(Новинар): Дали ви кажа нешто повеќе?
(Роднина): Не. Сеуште има потешкотии да зборува. Мислам дека ќе се опорави.“
Судбината на неговиот 28-годишен пријател со кого заедно исчезнаа на отворено море останува неизвесна. Потрагата и натаму се одвива со сите расположливи капацитети на крајбрежната служба – чамци, патролни возила, а вклучени се и седум бродови и воен хеликоптер.
Вчера попладнето беше спасен и 25-годишен македонец, кој заедно со нив двајца, бил на плажата на популарниот прв крак.
Според грчките медиуми, роденденската прослава тргнала во погрешен правец кога тројцата пријатели кои се наоѓале на плажата Мити во местото Посиди одлучиле да се капат во морето и покрај силниот ветер и немирните бранови.
Дел од присутните на плажата забележале дека ги снемало и веднаш ги алармирале надлежните.
Градоначалничката на Касандра објаснила дека конкретната плажа ја избегнуваат локалните жители бидејќи е многу опасна поради силните морски струи.
По повеќечасовен молк на прашањата на македонските новинари за случајот, македонското МНР се огласи попладнево со информација дека македонскиот Конзулат во Солун е во комуникација со семејствата на нашите државјани и со надлежните грчки органи.