Skip to main content

Да сопре омаловажувањето и притисокот

Протестен марш на новинарите

Новинарите и снимателите со протестен марш го искажаа незадоволството од нападите врз нив, навредите од страна на функционерите и политичарите, нетранспарентноста, агресивниот државен пи ар, нелојалната конкуренција и небезбедните услови за работа. Организаторите, Здружението на новинари на Македонија и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници упатија барања до владата и потсетија дека новинарството е јавно добро, а новинарите работат за јавниот интерес.
 |  инфодеск  | 
Протест новинари

„Не се извинуваме за незгодни прашања“, „Нема да молчиме“, „Стоп за агресивниот државен ПР“, „Сиромаштија = автоцензура“. Ова се дел од пораките кои денеска ги испратија новинарите и медиумските работници на протестниот Марш за одбрана на новинарското достоинство.

„Законите важни за медиумите не се спроведуваат, јавните функционери имаат потценувачки однос кон новинарите и снимателите, Владата создаде најголема редакција во земјата. Институциите и нивните директори имаат проблем да сфатат дека не е транспарентност кога со денови чекате одговор, а добивате Пи-Ар памфлет за објава. Локалните и регионалните медиуми работат на раб на издржување. Безбедноста на новинарите не е на ниво на коешто треба да биде. Ваквиот амбиент не сакаме да го градиме ниту поддржуваме, сакаме да му кажеме СТОП“, порача претседателот на Здружението на новинари (ЗНМ) Младен Чадиковски.

Тука сме, можеме да разговараме, но имаме сериозни барања до Владата и до парламентот. Кои се тие барања? Стоп за негативниот тренд на понижувачки говор од страна на министри, директори, политичари. Стоп за агресивниот државен ПИ-Ар, што ја зема работата на новинарите,а државните институци ги претвара во пoтемкино село за очите на јавноста. Поддршка за колегите од внатрешноста кои и денес дојдоа во најголем дел да го поддржат овој марш во насока на изнаоѓање на системско решение за квалитетна новинарска содржина и достоинствени плати. Обезбедување услови за квалитетни и професионални новинарски продукти за традиционалните, но и за новите медиуми. Имплементација на законите кои се важни за новинарската сфера за обезбедување и независно функционално работење на јавниот сервис и на регулаторот. Брза и ефикасна имплементација на законите кои ја третираат безбедноста на новинарите – истакна Чадиковски.

За сите овие барања, како што информираше Чадиковски, до Владата доставиле акциски план со точки, потточки и рокови за реализација.

Бараме почит за новинарската професија, за сите нас. Никој не смее да не потценува и навредува затоа што на крајот на денот работиме за граѓаните, и за јавниот интерес. Новинарството е јавно добро кое не припаѓа ниту на Владата, ниту на опозицијата, ниту на партиите, ниту на газдите на медиумите. Им припаѓа на новинарите и на новинарките. Затоа условите во кои работиме, мора да бидат достоинствени – вели Чадиковски.

Една од причините поради која излеговме на овој марш е да дадеме поддршка, да ја подигнеме свеста, во каква состојба ни се наоѓаат новинарите од внатрешноста, кажа Павле Беловски, претседател на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.

Во какви услови работат, како ни трули срцевината на нашата професија. Работата во тешки услови, со се помалку кадар, ниски плати и нивната социо-економска состојба е незавидна. Затоа и се повеќе се чувствува недостатокот на локални теми, на известувања од локалните заедници, што е сериозен недостаток на нашата демократика која се трудиме да ја унапредуваме. Сметаме дека е повеќе од итно да се донесат решенија, за подобрување на состојбата во која се наоѓаат новинарите и медиумските работници од внатрешноста. Решенија кои ќе бидат системски, законски а не парцијални. Решенија со кои работодавците ќе добијат квалитет а нашите колеги сигурност. Бараме услови, а не милостина драги колеги – потенцираше Беловски.

Беловски се осврна на социо-економска сигурност и почитувањето на работничките права на медиумските работници, без кои не е можно објективно и професионално новинарство, кое го штити јавниот интерес. На денешниот протестен марш којзапочна пред Влада, а заврши пред Парламентот својот револт го искажаа новинари и медиумски работници од национални и локални медиуми.