Skip to main content

Институтот за јавно здравје и ХЕРА

Прва вебстрана во земјава за едукација за сексуално и репродуктивно здравје

Со заедничката двојазична веб-страница за контрацепција, Институтот за јавно здравје и ХЕРА ги подобруваат пристапот до точни и лесно разбирливи информации за методите на контрацепција и грижата за сексуалното и репродуктивното здравје на граѓаните.
 |  инфодеск  | 
web za kontracepcija

На денешната конференција за печат, Институтот за јавно здравје на Република Северна Македонија и ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација ја претставија заедничката веб-страница за методите на контрацепција https://kontracepcija.mk – прва во земјава која е целосно посветена на контрацептивните средства и поддржана од национална здравствена институција.

Изработена во соработка со Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО), Центарот за семејна медицина – Медицински факултет Скопје и Македонското лекарско друштво и со поддршка од Европскиот парламентарен форум за сексуални и репродуктивни права, оваа веб-страница е замислена да биде веродостоен извор на информации на македонски и албански јазик, особено за младите на кои често им недостигаат информации за сексуалното и репродуктивното здравје.

„Како дел од Акцискиот план за спроведување на Националната стратегија за сексуално и репродуктивно здравје и како резултат на одличната соработка со ХЕРА, Институтот за јавно здравје склучи меморандум за соработка токму со оваа граѓанската организација заради унапредување на здравствената едукација на сите граѓани, а особено на младите. Сметаме дека со помош на оваа двојазична веб-страница придонесуваме кон подигање на свеста кај населението за грижата за сексуалното и репродуктивното здравје, а со тоа и кон намалување на несаканите последици меѓу кои се непланираната бременост и сексуално преносливите инфекции“, истакна во своето обраќање проф. Елена Ќосевска од Институтот за јавно здравје.

„Идејата за изработка на ваква веб-страница дојде од Европскиот парламентарен форум за сексуални и репродуктивни права кој подолго време и редовно ја следи состојбата со пристапот до информации и услуги за контрацепција низ Европа. Дека не‘ чека уште многу работа на ова поле покажува и неговиот Европски атлас на контрацепција. Поставувањето на оваа веб-страница е одличен чекор кон обезбедување точни и лесно достапни информации за сите, а особено за младите во ранливи ситуации коишто, според нашето истражување, за време на пандемијата имале потреба, но не можеле да најдат информации за контрацепција, сексуално преносливи инфекции, практикување безбеден секс и слично“, изјави Андријана Папиќ Манчева од ХЕРА.

Таа ја претстави веб-страницата за контрацепција, истакнувајќи дека покрај информации за начинот на функционирање, чинењето и достапноста на сите методи на контрацепција, тука може да се најдат и одговори на најчестите прашања за контрацептивните средства, но и да се постават прашања до стручни лица од релевантните здравствени институции и асоцијации. Иако планирањето на семејството може да ги спречи смртноста и болестите кај мајките преку одложување на бременоста, одржување на оптимално растојание помеѓу две бремености, спречување на непланирани и високоризични бремености и прекини на бременоста, сепак употребата на модерните методи на контрацепција во земјава е многу мала.

„Според Мултииндикаторското кластерско истражување, 59,9 % од жените во земјава кои се мажени или живеат во заедница користат (или нивниот партнер користи) некаков контрацептивен метод, при што само 14 % користат модерен метод на контрацепција, додека мнозинството од преостанатите 45,6 % го практикува методот на прекинат однос. За споредба, се проценува дека во светски рамки 44 % од жените (и нивните партнери) користат модерни методи на контрацепција наспроти само 4 % кои користат традиционални методи“, посочи проф. д-р Катарина Ставриќ, координаторка на Центарот за семејна медицина при Медицинскиот факултет во Скопје.

Проф. д-р Глигор Тофоски, претседател на МАГО, се осврна на Националното упатство за планирање на семејство што Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување го усвоија во 2019 година: „Ова упатство е уште еден важен чекор кон подобрување на пристапот до информации и услуги за семејно планирање бидејќи ги вклучува и лекарите од примарната здравствена заштита, вклучително и семејните лекари, во обезбедувањето информации и услуги за контрацепција. На овој начин, значително се подобрува заштитата на сексуалното и репродуктивното здравје на граѓаните особено во средините каде што нема доволно гинеколози“, појасни тој.

Наспроти заложбите за унапредување на пристапот до информации за контрацепцијата стои фактот дека во земјава ниту едно од достапните контрацептивни средства не се на товар на Фондот за здравствено осигурување иако Владата уште во 2017 година вети дека тоа ќе се смени.