Првиот приватен дневен весник оди во историја
„Дневник“ е првиот приватен дневен весник во Република Македонија
„Дневник“, првиот приватен дневен весник во Република Македонија, чиј прв број излезе на 20 март 1996 година, денес излезе во продажба за последен пат.
Денешното издание на дневниот весник „Дневник“ е последното што читателите можеа да го купат. Од утре весникот повеќе нема да се печати, на вработените ќе им биде исплатена плата за мај во следните 20 дена, период во кој ќе бидат испратени „на одмор“, а фирмата ќе оди во ликвадација. Ова од менаџментот денеска им го соопштиле на 60-тина вработени во „Дневник“, со образложение дека фирмата не успеала да обезбеди кредит, неопходен за функционирање на весникот и за исплатата на обврските.
Пред еден и пол месец престанаа да се печатат и дневните весници „Утрински весник“ и „Вест“, поради лошата финансиска состојба на фирмата „Графички центар“, која беше сопственик на Медиа Принт Македонија (МПМ), дотогашен издавач на трите дневни весници, како и на „Македонски спорт“, „Теа модерна“ и порталот „Телеграф“.
Пред да почне претстечајната постапка, во февруари годинава, отворена беше нова фирма, со слично име, Медиа Принт ДООЕЛ, во сопственост на Александар Динев, кој беше дел од некогашниот менаџмент на МПМ.
Со згаснувањето на „Дневник“ и ликвидација на фирмата, неизвесен е опстанокот и на електронските изданија на „Утрински“ и „Вест“.
„Дневник“ е првиот приватен дневен весник во Република Македонија, а неговиот прв број излезе на 20 март 1996 година. Во клучните години по осамостојувањето на државата, „Дневник“ уживаше висока доверба и имиџ на новинарска авангарда на бројни демократски процеси во земјата. Угледот и влијанието на весникот драматично паднаа во изминатите неколку години, поради нарушени професионалните стандарди во корист на владајачките интереси и политики.