Првомајски протест „Работниците се државата“
Сојузот на синдкатите на Македонија (ССМ) на Денот на трудот – 1 Мај организира првомајски протест под мотото „Работниците се државата“.
Протестот, што ќе почне во 12 часот пред зградата на ССМ, се организира поради неправдите кон работниците. Во годината со највисока инфлација кога народот се радува на замрзнати цени, а функционерите добија енормно зголемени плати додека вработените чекаат две илјади плус, очекуваат масовност од сите градови.
„Сметаме дека покачувањето на функционерските плати за 78 проценти или по 2.000 денари дневно, воведувањето на 12 часовен работен ден за голем број работници, тоа што ги излажаа вработените во здравството и што не им ги зголемија платите, тоа што не го склучија општиот колективен договор за јавен сектор со кој секој вработен ќе има право на К-15, се доволен мотив и повеќе од причина да се излезе на протест на улица и да се изрази незадоволството!, порачува ССМ во повикот за учество на протестот.
Додаваат дека работодавачите и носителите на законодавната и извршната власт немаат слух за проблемите на работниците и народот туку единствено и исклучиво работат за своите интереси.„Сите заедно, работници, синдикати, граѓани и синдикалци, треба да застанеме и да покажеме единство и солидарност и да ги спречиме намерите и лошите владини политики.“- истакнува Синдикатот.
Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) во понеделник под паролата „Ќебапче за работникот – бифтек за власта“ ќе запали скара пред Владината зграда, мотивирани од покачените функционерски плати за 78% и најавите за 60 часовна работна недела. Протестот на КСС е планиран од 10 до 12часот.
КСОМ кажаа дека ќе дадат поддршка и на двата синдикати и ќе протестираат од 10 до 14 часот. Паролата на конфедерацијата на синдикални организации(КСОМ) е „Обединети сме појаки“.