Разбиена криминална група за фалсификување пари во Македонија и Србија

На 2 јануари 2025 година е реализирана голема меѓународна истрага координирана од ЕУРОПОЛ, македонската и српската полиција, а под раководство на надлежните јавни обвинителства. Во акцијата е сузбиена организирана криминална група инволвирана во фалсификување и пуштање во оптек на лажни пари на териториите на повеќе држави. Истрагата утврдила дека од крајот на 2023 година до февруари 2025 година групата, составена од македонски и српски државјани, изработувала фалсификувани пари во специјално опремен стан во Скопје. Со помош на машини со гравирани плочи, кои имитирале сигурносни знаци на банкноти, биле произведувани лажни пари во различни апоени. Тие биле пуштани во оптек во Северна Македонија и Србија, а значителен дел од нив завршувал во Австрија, Германија, Романија, Словенија, Хрватска и Косово.
Во рамки на акцијата на територија на Република Северна Македонија, врз основа на претходно обезбедени наредби од Основен кривичен суд, извршени се претреси на повеќе локации на подрачје на Скопје, Велес и Прилеп кај правни и физички лица, при што лишени од слобода се 10 лица, девет лица од Скопје и едно лице од Велес. При извршените претреси пронајдени и одземени се предмети и парични средства кои ќе бидат предмет на вештачење и тоа: околу 500.000 евра, 25.000 американски долари, 500 швајцарски франци, 1.800 израелски шекели, 500 хрватски куни, 10.000 албански леки, 1.000 шведски круни и 25.000 рубљи, CNC машина за изработка на калапи, калапи, жигови и валјаци со кои се изработувале фалсификуваните пари, копии од делови од банкноти, три пиштоли, една пушка, 100 парчиња куршуми калибар 9 мм, 40 патрони калибар 12 мм, кесе исполнето со бела прашкаста материја, кафеава прашкаста материја, повеќе телефонски апарати, СИМ картички, УСБ и лаптопи, информираат од МВР.
