Разрешен директорот на кумановската болница поради пропуст во лекувањето на 32 годишен маж

Министерот за здравство Арбен Таравари денеска во изјава за медумите од Градскиот плоштад во Куманово му соопшти на директорот на Општата болница во Куманово, д-р Стефан Трајановски, дека е разрешен од функцијата поради пропусти во лекувањето на 32-годишниот маж, кој завчера починал од алергиска реакција по примена инфузија во дневната болница на Хируршкото оддление. Министерот даде изјава за новинарите после посетата на семејството на починатото лице.
-Пред да дојдам тука го прочитав извештајот подготвен од Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДЗСИ) и од него може да се констатира многу лесно дека веќе има предуслови за да се разреши директорот на Општа болница Куманово. И пред да излезам од Министерството за здравство, директорот беше разрешен од функцијата. Се надевам веќе утре, по консултации со колегите од Министерството, ќе назначиме нов директор на болницата, изјави денеска Таравари за медиумите.
Од ДЗСИ велат дека во доставената документација до нив недостасува земена анамнеза на Адеми, по што му била дадена инфузија која содржела аналгин на кој пациентот бил алергичен. Кратко после добиениот анафилактички шок настанала и смртта кај младиот кумановец.