Skip to main content

Реакција на МНР како одговор на изјавите на Рама и Лавров

Блокадите, заканите за блокади и изговорите не се во духот на европските вредности и не придонесуваат за стабилноста на регионот

 |  инфодеск  | 

Блокадите, заканите за блокади и изговорите не се во духот на европските вредности и не придонесуваат за стабилноста на регионот, стои во реакцијата на македонското Министерство за надворешни работи како како одговор изјавите на странските претставници од соседството и пошироко кои се однесуваат на Македонија.

„Стратешка цел на Република Македонија е да се интегрира во ЕУ и НАТО. Тоа е во интерес на сите македонски граѓани, за подобра иднина, економски развој, мир и стабилност во земјата и регионот. Меѓуетничкиот соживот и почитувањето на културните, етничките, верските различности и на човековите права се темел на македонското општество и уставно уредување. Сите ние заедно сме обединети за европска иднина на Република Македонија. Неопходна е искрена соработка и недвосмислена поддршка од нашите соседи и меѓународни партнери“, се вели во реакцијата на Министерството за надворешни работи.

Од македонското МНР додаваат дека сите блокади, закани со блокади и изјави за нудење на изговори против членството на Македонија во евроатланските институции, не се во духот на европските вредности и не придонесуваат за мир и стабилност во регионот.

„Република Македонија ќе продолжи да работи активно на постојано зајакнување на соработката со сите наши соседи и партнери во интерес на напредок во регионот“, се наведува во соопштението.

Ваквата реакција следува по изјавите на албанскиот премиер Еди Рама дека Албанија ќе го поддржи приемот на Македонија во НАТО отакако целосно ќе биде спроведен Рамковниот договор, како и по изјавата на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров дека Албанија и Бугарија имаат територијални претензии кон Македонија.