Skip to main content

Усвоен ребалансот на Буџетот за 2026, најмногу пари добија министерствата за животна средина и за транспорт

Расходниот дел од буџетот се зголемува за околу 179 милиони евра од кои за капитални инвестиции има дополнителни 100 милиони евра.
 |  инфодеск  | 

Владата го усвои ребалансот на Буџетот, со кој годинава државата ќе потроши околу 744 милиони евра повеќе отколку што ќе собере, а буџетскиот дефицит ќе достигне 4,1 проценти од бруто-домашниот производ.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска изјави дека дополнителните средства нема да бидат потрошени за тековни расходи, туку ќе бидат насочени кон капитални инвестиции. Со ребалансот се обезбедуваат дополнителни 94 милиони евра за изградба на патишта, железници, водоводи, училишта и реализација на проекти во општините, при што најголем дел од средствата ќе бидат вложени во животната средина, транспортот и образованието.

-Министерството за животна средина ќе добие 2,3 милијарди денари за капитални расходи од кои 1 милијарда денари се пари од сметката на Министерството од кредити и од други приходи. Транспорт ќе добие 1,4 милијарди денари бидејќи поради силната реализација на проектите ова Министерство веќе нема пари на сметката за капитални расходи. Пари ќе добие и Министството за образование во износ од 426 милиони денари како и Државната изборна комисија која побара повеќе, а доби 200 милиони денари дополнителни средства за инвестиции за обнова на инвентар и опрема. Дополнителни средства ќе добијат и други институции но во помал износ, рече Димитриеска-Кочоска.

Таа појасни дека за разлика од Буџетот со ребалансот расходниот дел од буџетот се зголемува за околу 179 милиони евра од кои за капитални инвестиции има дополнителни 100 милиони евра.

Димитриеска-Кочоска појасни и дека нема да се зголеми процентот на буџетскиот дефицит во БДП и тој ќе остане 4,1%, а дел од парите ги добиваат државните институции со ребалнсираниот буџет се добиени од нивните сметки создадени од очекуваните донации и како резултат на неданочни приходи каде што според проценките на министерката се чуваат повеќе од 10 милиони денари. Дополнително информираше и дека зголемување на расходите ќе има и за плати ставка која е зголемена за 1,1 милијарда денари.

Со овој ребаланс вкупните приходите остануваат во рамки на проектираното односно се ревидираат од 374,9 милијарди денари на 379,2 милијарди денари. Вкупните расходи се ревидираат на 425,2 милијарди денари,

Дефицитот се зголемува од 39,2 милијарди денари на 46,1 милијарда денари. За првпат, како што рече министерката, зголемувањето на дефицитот е резултат пред сè на повисоките капитални расходи и инвестициите во инфраструктурата.

Буџетскиот дефицит и обврските за отплата на долг во вкупен износ од 76,4 милијарди денари ќе се финансираат преку комбинација на домашно и странско задолжување. Притоа, над 54 милијарди денари се наменети за редовно сервисирање на обврските кон странските кредитори, а околу 20 милијарди денари за отплата на домашниот долг.