Skip to main content

Димитриеска-Кочоска на Регионалната конференција „Охрид 2026“ – Фискалната консолидација и развојот се градат заедно, фискалната дисциплина не значи откажување од економски развој

Еден од главните предизвици за регионот останува и економскиот раст. Според Димитриеска-Кочоска, на земјите од Западен Балкан им се потребни повисоки стапки на раст, но тие не треба да бидат резултат само на зголемена потрошувачка.
 |  инфодеск  | 

-Намалување на дефицитот и внимателно управување со јавниот долг, но без запирање на инвестициите и економскиот раст. Тоа е насоката во која Македонија треба да ги води јавните финансии во период кога новите економски шокови стануваат сè потешко предвидливи, порача министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на Регионалната конференција „Охрид 2026“.

Фискалната консолидација и развојот не треба да се гледаат како две спротивставени политики. Напротив, државата треба однапред да создава финансиски простор за справување со идни кризи, а истовремено да ги насочува јавните средства кон инвестиции што можат да ја зголемат продуктивноста и долгорочниот економски потенцијал.

Таквиот пристап, според министерката, станува уште поважен во услови на геополитичка неизвесност, високи енергетски трошоци, ограничувања во светската трговија и построги услови за финансирање. Сите овие фактори директно се одразуваат врз малите и отворени економии од Западен Балкан и го стеснуваат просторот што владите го имаат за интервенција кога ќе се појави нова криза.

Токму затоа, според Димитриеска-Кочоска, отпорноста на јавните финансии не се создава откако проблемите веќе ќе се појават.

-Една од најважните лекции од последните години е дека фискалниот простор мора да се создава пред да биде потребен. Фискалната отпорност не се гради во моментот кога кризата ќе започне. Таа се гради претходно, преку одговорно управување со јавните финансии, постепено намалување на дефицитот, внимателно управување со јавниот долг, подобра наплата на приходите и повисок квалитет на јавната потрошувачка. Тоа е и пристапот што Република Македонија го следи во својата среднорочна фискална политика, истакна министерката.

Дополнителен товар за јавните финансии е долгот акумулиран во периодот на пандемијата и енергетската криза, кога државите интервенираа со значителна фискална поддршка. Во такви услови, оцени Димитриеска-Кочоска, предизвик е да се направи вистински баланс меѓу потребите на економијата и реалните можности на буџетот.

Владината определба, според неа, е консолидацијата да се спроведува постепено, а паралелно да се надминуваат слабостите во планирањето и управувањето со јавните инвестиции. Притоа, министерката предупреди дека средувањето на јавните финансии не треба да се сведе на едноставно кратење на трошоците. Истата логика, според неа, треба да важи и кај буџетските приходи – подобрата наплата да не се бара преку дополнително оптоварување на граѓаните и компаниите кои веќе редовно ги плаќаат своите обврски.

Еден од главните предизвици за регионот останува и економскиот раст. Според Димитриеска-Кочоска, на земјите од Западен Балкан им се потребни повисоки стапки на раст, но тие не треба да бидат резултат само на зголемена потрошувачка. Потребен е модел што повеќе ќе се потпира на продуктивност, инвестиции и создавање нова економска вредност.

Во тој контекст, посебно место треба да имаат стратешките вложувања во инфраструктурата и енергетиката. Потребата од такви инвестиции дополнително ја нагласуваат климатските промени и нивните економски последици, кои стануваат сè позначаен ризик и за европските економии.

На крајот, министерката ја сведе фискалната политика на четири поими – стабилност, отпорност, инвестиции и продуктивност.

-За земјите од Западен Балкан, стабилноста и растот не се спротивставени цели.Тие мора да се градат заедно. Фискалната дисциплина не значи откажување од развојот. Инвестициите не значат занемарување на долгот. Социјалната заштита не значи трајно зголемување на неефикасните расходи. Доколку треба да ја сумирам политиката што ја следиме во Македонија, би ја свела на четири принципи: стабилност, отпорност, инвестиции и продуктивност. Некои од нашите земји денес можеби се надвор од еврозоната. Но, тие не се надвор од европската економска реалност. Затоа нашата одговорност е да изградиме јавни финансии кои ќе бидат доволно стабилни да ги апсорбираат шоковите, но и доволно флексибилни да го поддржат развојот, нагласи Димитриеска-Кочоска.