Рекордни 773 милиони денари во буџетот за научно-истражувачка дејност
Министерството за образование и наука го честита Светскиот ден на науката за мир и развој и соопшти дека за следната 2026 година е предвидено рекордно зголемување на буџетот за научно-истражувачка дејност, кој изнесува 22 милони евра.
-Науката во Македонија се актуелизира не само како тема за дискусија, туку и како поле на делување. Ова го потврдува и последниот извештај на Европската комисија за напредокот на државата во областа на науката, а претставува резултат на ефективни национални политики и на значително зголемениот буџет за поддршка на научно-истражувачката дејност. Од 380 милиони денари (6 милиони евра) во 2024 година, на 680 милиони денари (11 милиони ева) во 2025 година, а за следната 2026 предвиден е рекорден буџет од 1,37 милијарда денари за наука (22,2 милиони евра), соопшти МОН.
Министерството додава дека оваа календарска година преку 3 повици за распределба на средства ја стимулираше реализацијата на научно-истражувачки проекти на јавните универзитети, факултетите и научните установи, на МАНУ и на бизнис-заедницата, кои се во корелација со целите од Стратегијата за паметна специјализација на Македонија.
-Науката е столб на општествениот развој и затоа во 2026 година буџетот за наука ќе изнесува 1,37 милијарда денари со кои продолжува финансирањето на научно-истражувачки проекти, за развој на лабораториските ресурси, за учество на меѓународни научни конференции и за организирање на домашни, објавување на научни трудови во списанија со импакт фактор, доделување стипендии за млади научници, стипендии за втор и трет циклус на студии во државата, како и за организирање на научни и студиски престои во странство, вели Министерството за образование.
Додаваат и дека посебно радува зголемениот интерес кај младите да се занимаваат со наука и иновации што се огледува преку искористување на мерките кои МОН ги става на располагање.
-Заедно со другите надлежни владини институции продолжуваме да ги поддржуваме младите во реализација на личните амбиции. Развојните политики добиваат континуитет, затоа што секој влог во науката се исплати и не треба да се штеди на пари и труд во овој сегмент. Честит 10 Ноември, Светски ден на науката, се вели во соопштението од Министерството за образование и наука.