Недоволно инспектори и неизвесни контроли на безбедноста на производите, констатира ДЗР за Пазарниот инспекторат

Државниот завод за ревизија (ДЗР) изразил неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи на ДПИ за 2024 година, како и мислење со резерва за усогласеноста на работењето со законската регулатива. Клучните проблеми се недоволниот кадар, закочената дигитализација, финансиските пропусти и неизвесноста за идните контроли на небезбедни производи.
Според извештајот на ДЗР, во 2024 година биле реализирани 28 263 инспекциски надзори од кои 21 108 редовни, 5 106 вонредни и 2 049 контролни. Овие контроли биле спроведени од само 148 инспектори, што претставува 47 отсто од вкупно 313 систематизирани инспекторски работни места.
„Недоволниот број инспектори и тенденцијата на нивно намалување влијаат врз можноста за исполнување на планираните контролни активности и законските надлежности“,се вели во извештајот на ДЗР.
Дополнителен проблем е што пет одделенија немаат раководители. Во Одделението за безбедност на производи, од предвидени 14 работни места, биле пополнети само пет.
Како системска слабост е истакнато работењето на Одделението за инспекциски надзор за безбедност на производи, во кое од предвидените 14 работни места заклучно со 31.12.2024 година биле пополнети пет.
Во периодот 2022–2025 година, за потврдување на квалитетот и безбедноста на одредени производи се вршеле земање примероци и лабораториски анализи во акредитирани лаборатории во странство, при што средствата биле обезбедени преку проектот GIZ, EU4 Business, реализиран во периодот 2022–2025 година, и проектот Regio Trade, кој се спроведува од 2025 до 2028 година. Со поддршка на ЦЕФТА е воспоставено и поврзување со IT систем за електронска размена на податоци за небезбедни производи меѓу земјите членки на ЦЕФТА. Во периодот 2022–2025 година, врз основа на лабораториски анализи за квалитет и безбедност на материјали, од пазарот се повлечени 40 производи.
Пред периодот на имплементација на наведениот проект, не е вршено земање примероци на одредени производи и нивно испитување во акредитирани лаборатории од причина што во Република Северна Македонија не постојат акредитирани лаборатории за анализа на овие производи, а не се користени услуги во лаборатории од странство поради не обезбедени средства во буџетот на ДПИ за овие намени.
Ревизијата укажува дека е неизвесно дали по завршувањето на проектот ќе продолжи овој вид контроли, поради ограничените средства во буџетот на ДПИ за континуирано испитување на небезбедни производи во лаборатории во странство.
Целосниот ревизиски извештај ТУКА.




